Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска го прими амбасадорот на Република Словачка и доајен на дипломатскиот кор во Скопје, Хенрик Маркуш, на проштална средба.
Министерот Муцунски му се заблагодари на амбасадорот Маркуш за активниот ангажман и посветеност во развојот на билатералните односи и соработката во текот на неговиот седумгодишен мандат.
Двајцата соговорници изразија задоволство од постојаниот развој на односите меѓу двете земји во повеќе сфери – пред сè во економијата, образованието, културата и други области.
Амбасадорот Маркуш ја реафирмираше принципиелната и конзистентна поддршка на Словачка за брз и мериторен напредок на нашата држава во пристапниот процес кон Европската Унија.