Заменикот министер за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, денеска оствари работна средба со Рафаел Сориано Ортиз Амбасадор на Кралството Шпанија во нашата држава.
Заменикот министер Димитровски се заблагодари за константната поддршка од официјален Мадрид на нашиот европски пат, потенцирајќи дека нашата држава останува силно посветена во исполнувањето на неопходните обврски за продолжување на процесот на пристапни преговори, како влог во нашата иднина. И покрај бројните разочарувања и блокади под статусот кандидат за членство, европската енергија никогаш не престана да биде главен движечки механизам на нашето општество. Дополнително, ја нагласи важноста Европската Унија да ја оценува Република Северна Македонија согласно копенхагенските критериуми, а не по наметнати билатерални идентитетски и историски прашања.
Амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз, истакна дека неговата земја ќе ја продолжи поддршката за европското досие на Република Северна Македонија, како што тоа беше случај и со членството во НАТО. Додаде дека интегриран Западен Балкан е долгорочна цел и ќе ги вложат сите политички и дипломатски напори Европската Унија да биде комплетирана со земјите од овој Регион.
На средбата се разговараше и за можностите од продлабочување на економските односи, меѓусебната поддршка во мултилатералните организации и секторската соработка меѓу двете држави.
Двајцата соговорници разменија мислења и за состојбата во Украина, најновите случувања во земјите од Западен Балкан и регионалните иницијативи како форма за зголемување на взаемната доверба и надминување на отворените билатерални прашања меѓу соседите.