Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на средба ја прими нерезидентната амбасадорка на Кралството Данска, Пернил Далер Кардел, која е акредитирана за нашата земја од седиштето во Белград.
Во фокусот на разговорот беше данското претседавање со Советот на Европската Унија, при што министерот Муцунски го истакна очекувањето дека Данска ќе продолжи активно да ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан, со посебен акцент на Северна Македонија. Во таа насока, тој упати благодарност за досегашната поддршка на Данска за евроинтегративниот процес на земјава, нагласувајќи ја важноста на принципот на заслуги како темел на пристапот што го споделуваат и двете држави.
На средбата стана збори и за унапредување на билатералната соработка, особено во областа на инвестициите и трговијата, каде што постои заемна волја за продлабочување на односите.