Денес, 3 јули 2025 година, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски оствари средба со претставничката за Балкан на чешката Влада, амбасадорката Едита Хрда.
Честитајќи на амбасадорката Хрда за нејзиното назначување за владин претставник за Балканот, заменик министерот Димитровски истакна дека со овој чин Чешка уште еднаш ја покажува на дело важноста што ја придава на Регионот и на неговата забрзана европска интеграција. Притоа, изрази уверување дека со нејзината богата дипломатска кариера и познавање на ЕУ, амбасадорката Хрда значително ќе придонесе за зајакнување на односите на сите земји од регионот со Чешка, а Регионот ќе добие дополнителен силен глас за поддршка на процесот на проширување на ЕУ.
Во фокусот на разговорите беа перспективите и предизвиците на процесот на европската интеграција на нашата земја и поддршката од Република Чешка на овој пат.
Амбасадорката Хрда истакна дека Западниот Балкан е регион од исклучителна важност за Чешка и таа ќе работи со засилено темпо на унапредување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан.
Беа разменети мислења и за актуелните меѓународни и регионални прашања, чија цел е зачувувањето на безбедноста на европскиот континент.