Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, г-дин Зоран Димитровски ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Аргентинската Република за Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. г-дин Алехандро Зотнер Мејер.
Посакувајќи му срдечно добредојде во Република Северна Македонија на амбасадорот Зотнер Мејер, заменик министерот Димитровски му посака успех во вршењето на оваа одговорна функција, изразувајќи очекување дека преку проактивен и заеднички ангажман, во периодот што претстои ќе биде значајно продлабочена севкупната соработка, како и позитивниот развоен тренд на билатералните односи помеѓу двете пријателски држави.
На средбата беше заемно потврден интересот на владите на двете земји за натамошно унапредување на билатералните односи и идниот развој на мултилатералната соработка помеѓу двете држави. Воедно, соговорниците разменија мислења околу можностите и иницијативите за конкретна соработка и за интензивирање на односите во претстојниот период за што постои значителен потенцијал, а особено во доменот на економијата и трговската размена, туризмот, културата и образованието, како и во други области од заемен интерес.