Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Учество и обраќање на ЗМНР Димитровски на специјализираниот форум за дијаспора „Улпиана“ во Приштина

Учество и обраќање на ЗМНР Димитровски на специјализираниот форум за дијаспора „Улпиана“ во Приштина

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски денес се обрати на специјализираниот форум за дијаспора „Улпиана“ што се одржа во Приштина, Република Косово. Во своето обраќање пред колегите од земјите од регионот ја истакна важноста на дијаспората во креирањето на владините политики и ги потенцираше активностите што предвидени да се реализираат во наредниот период. Зборуваше за тековните институционални активности поврзани со дијаспората, но го најави и претстојното формирање на низа совети. 

 

„Како Влада сме посветени кон зајакнување на врската помеѓу нашата земја и дијаспората, која несомнено придонесува за застапување на македонските интереси, меѓународна афирмација на земјата и промовирање на македонските вредности, идентитет и култура, поддршка на нивните интереси и користење на нивните знаења и искуства во корист на земјата“, потенцираше Димитровски.

 

Посебно внимание посвети и на претстојното креирање на нова Национална стратегија за соработка со дијаспората, активното работење за подобрување на конзуларните услуги во ДКП-та, формирањето на Совет за економска дипломатија и Совет за научна дипломатија. Димитровски зборуваше и за континуираната финансиска поддршка на низа проекти на правни и физички лица од редовите на дијаспората што Министерството секоја година ја спроведува, доделувањето стипендии за најдобрите студенти од редовите на дијаспората кои се одлучуваат високото образование да го продолжат на некој од македонските универзитети, како и за поддршката на организираното изучување на мајчиниот јазик.

 

Форумот „Улпиана“ се одржува од 9 до 12 декември 2024 година во Приштина во организација на Заменик министерката за надворешни работи и дијаспора на Република Косово, Лиза Гаши.

 

Учесниците на Улпиана Форумот беа примени и во Владата на Република Косово од страна на премиерот Албин Курти.

 

Заменик министерот Зоран Димитровски,  во рамки на неговата посета на Приштина и учеството на “Улпиана Форум“ оствари средба со заменик министерот за надворешни работи и дијаспора на Република Косово Лиза Гаши.

 

На средбата, потврдени беа одличните билатерални односи и успешната соработка меѓу двете пријателски земји, карактеризирана со меѓусебна поддршка и почитување.

 

Изразено е задоволство од одржувањето на Заедничката седница на владите на двете земји и потпишаните документи во рамки на истата. Во фокусот на разговорите беа и претстојните Политички консултации меѓу двете министерства за надворешни работи на ниво на заменици министри за надворешни работи планирани за 2025 година.

 

Соговорниците разговараа и за актуелните политички состојби во двете земји, како и нивната перспективата во процесот за интегрирање во Европската Унија при што се согласија дека проширувањето на Унијата ќе биде поттик не само за земјите од регионот, туку и суштински интерес за земјите членки.

 

Заменик министерот ја потврди поддршката за евроатлантските аспирации на Република Косово и подготвеноста за придонес во таа насока преку споделување на искуствата во сите области од заемен интерес.

Мени за пристапност