Заменикот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше и ја предводеше делегацијата на Република Северна Македонија на Министерскиот состанок на Обединетите нации за мировните операции, што се одржа во Берлин на 13 и 14 мај 2025 година.
Во своето обраќање, заменик-министерот го истакна значењето и мандатот на мировните мисии на ОН во зачувувањето на меѓународниот мир и безбедност, со посебен осврт на првата превентивна мисија на ОН – УНПРЕДЕП (UNPREDEP), која беше распоредена во државата во периодот 1993–1999. Тој нагласи дека преку оваа мисија беше постигната клучна цел: зачувување на стабилноста, безбедноста и мирот во државата, како и спречување на прелевање на вооружените конфликти од соседството.
“Мировните операции на ОН мора постојано да се развиваат како одговор на сè посложените и динамични кризи ширум светот. И покрај предизвиците, тие остануваат витален механизам за глобална стабилност. Северна Македонија е подготвена да поддржи понатамошни реформи и значително да придонесе во напорите за унапредување на мировните операции. Да продолжиме да работиме заедно за да се осигураме дека мировните операции не се само одговор на конфликт, туку основа за траен мир и одржлив развој.” - посочи Димитровски.
Воедно, на маргините на состанокот, заменик-министерот оствари кратка средба со Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. Во разговорот, двајцата соговорници разменија мислења за заложбите на Генералниот секретар во рамките на иницијативата „Акција за мировните операции“ (A4P), како и за актуелните предизвици со кои се соочуваат Обединетите нации во доменот на мировните мисии, вклучително и улогата на Советот за безбедност и Генералното собрание на ОН.