Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот нерезидентен амбасадор на Киргистанската Република, со седиште во Анкара, Н.Е. г. Руслан Казакбаев.
Соговорниците ги оценија билатералните односи како добри и позитивни, со уверување дека треба да се посвети внимание на продлабочување на соработката, особено во економската сфера. Ја истакнаа и заложбата за заокружување на правната рамка која ја регулира економско-трговската соработка, како и потребата од склучување на договори во поедини сфери од заемен интерес.
Особено беше изразено задоволството за одличната соработка на мултилатерален план, пред сѐ во рамките на ОН и ОБСЕ.
Заменик министерот Димитровски и Амбасадорот Казакбаев разговараа и за други актуелни билатерални прашања и изразија подготвеност за остварување на конкретна соработка помеѓу двете земји во наредниот период.