Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитровски на Медитерански дијалози 2025

Димитровски на Медитерански дијалози 2025

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, г. Зоран Димитровски, денеска учествуваше на конференцијата „Медитерански дијалози 2025“, која се одржа во Неапол од 15 до 17 октомври, на покана на вицепремиерот и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, г. Антонио Тајани.
 
Заменик министерот Димитровски беше говорник на панелот “Обновување на моќта на дипломатијата: Улогата на Јадранско-Балканскиот Регион“, при што ја истакна важноста од водење дијалог и соработката во услови на зголемена регионална и глобална нестабилност, наведувајќи ја ги односите помеѓу двата региони како позитивен пример и мост на поврзување и просперитет за поширокиот Медитеран. Тој го потенцираше придонесот на Северна Македонија и на Западниот Балкан во градењето доверба и унапредувањето на регионалната соработка преку негување односи на конструктивност и добрососедство, како и преку активна улога во етаблираните регионални платформи и иницијативи за соработка.
 
Во текот на дискусијата, заменик министерот Димитровски конкретно беше прашан за тоа како нашата држава може да придонесе за зајакнување на врските помеѓу Европа и Јужното соседство, особено во клучни области како поврзаноста и трговијата. „Нашата позиција како раскрсница на Коридорот VIII и Коридорот X не е само симболична, туку претставува стратешка реалност која може да ги преобликува регионалните трговски текови и да ја поддржи визијата за вистински интегриран Медитерански регион", потенцираше Димитровски.
 
Заменик министерот Димитровски зборуваше и за потребата од целосна интеграција на државата и земјите од регионот во Европската унија како важна додадена вредност и силен двигател на стабилност, поврзаност и економски раст. Во таа смисла, тој заклучи дека преку натамошно продлабочување на врските помеѓу Јадранско-Балканскиот регион и забрзување на ЕУ интеграцијата и регионалната соработка, моќта на дипломатијата добива уште поголема видливост и значење како инструмент кој е неопходен за обезбедување долготраен мир и благосостојба на двата брега од Средоземјето.

Мени за пристапност