Доделени сертификати за успешно завршен курс по шпански јазик
Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска се одржа свеченост по повод доделувањето сертификати на дипломати кои успешно го завршија курсот по шпански јазик и шпанска култура.
На настанот се обрати министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој го поздрави интересот и посветеноста на дипломатите за изучување на шпанскиот јазик, истакнувајќи дека станува збор за еден од традиционалните дипломатски јазици, како и еден од официјалните јазици на Обединетите нации и Европската Унија.
Во своето обраќање, министерот ја нагласи важноста од континуирано унапредување на јазичните и комуникациските вештини на дипломатскиот кадар, кои претставуваат значајна алатка во секојдневната дипломатска работа, како во Министерството, така и во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство.
Министерот Муцунски оцени дека проектот претставува конкретен придонес кон понатамошното зајакнување на билатералната соработка со Кралството Шпанија и дополнително ги продлабочува врските меѓу двете пријателски земји. Воедно, тој истакна дека познавањето на шпанскиот јазик отвора нови можности за поинтензивна дипломатска комуникација, економска и културна соработка, промоција на туризмот и привлекување инвестиции.
Амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Н.Е. Рафаел Соријано Ортиз, изрази задоволство од големиот интерес за изучување на шпанскиот јазик, нагласувајќи дека тој претставува значајна алатка во современата дипломатија, особено во рамките на меѓународните организации како Обединетите нации, Европската Унија и УНЕСКО.
Тој истакна дека, покрај институционалната соработка, токму културната размена и меѓусебното запознавање на народите претставуваат најсилен темел за градење трајни пријателства и разбирање, изразувајќи уверување дека заедничките активности ќе продолжат да создаваат нови мостови на поврзување меѓу двете држави.