Државниот секретар во министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски, оствари работна средба со генералниот директор на јапонската организација за надворешна трговија (JETRO) од Виена, Тадаши Мураками.
На средбата присуствуваа и амбасадорката на Јапонија во нашата земја, Н.Е. Сецуко Кавахара, како и високи претставници од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и од Амбасадата на Јапонија во Скопје.
Главен фокус на разговорите беше претстојната посета на голема јапонска бизнис делегација на нашата земја. Оваа посета претставува клучна можност за продлабочување на економската соработка и отворање нови патишта за јапонски инвестиции во регионот.
За време на престојот на јапонската делегација, во соработка со домашните институции и стопански комори, ќе бидат организирани низа директни средби (B2B) со македонски бизнисмени. Целта е вмрежување на компаниите и истражување на конкретни можности за трговска размена и заеднички проекти.
Во рамки на агендата, предвидени се и официјални средби со високи владини претставници, каде ќе бидат презентирани економските потенцијали, инвестициските поволности и стратешките проекти на државата. Јапонските бизнисмени ќе остварат и теренска посета на технолошко-индустриските развојни зони, каде директно ќе се запознаат со инфраструктурата, условите за работа и успешните примери на странски инвеститори кои веќе оперираат во земјата.
Соговорниците ја истакнаа силната посветеност во поддршката на вакви иницијативи, нагласувајќи дека Јапонија е важен и докажан економски партнер. Присуството на дипломатските претставници ја потврди заедничката поддршка од двете влади за претстојната посета, која ќе даде силен импулс за идна долгорочна и плодна деловна соработка.