Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Битола присуствуваше и се обрати на свеченото отворање на Почесниот конзулат на Република Австрија.
Во своето обраќање, министерот истакна дека отворањето на Почесниот конзулат токму во Битола – градот на конзулите со богата дипломатска и конзуларна традиција – претставува значаен чекор во натамошното продлабочување на одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Австрија, која е клучен и доверлив партнер.
„Двете земји се поврзани преку силни економски и културни врски, заеднички вредности и заеднички стратешки интереси за мир, стабилност и просперитет“, нагласи Муцунски, потсетувајќи дека Австрија е меѓу најголемите странски инвеститори во земјата и континуиран поддржувач на европската перспектива на државата.
Тој изрази уверување дека Почесниот конзулат во Битола ќе претставува дополнителен мост на соработка меѓу двете држави и ќе придонесе за унапредување на економската соработка, туризмот и културната размена.
На крајот, министерот Муцунски му посака успешна и плодна работа на новоименуваниот почесен конзул Игор Божиновски и на неговиот тим.