Министерот Муцунски со низа билатерални средби на маргините на Генерално собрание на Обединетите Нации
Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари повеќе билатерални средби со своите колеги од Португалија, Либан, Узбекистан и Соломонските Острови, како и со генералниот секретар на ОБСЕ.
На средбата со португалскиот министер за надворешни работи, Пауло Ранжел, беше изразено задоволство од одличните билатерални односи и партнерството во рамки на НАТО. Беше нагласена важноста на европската интеграција и потврдена подготвеноста за продлабочување на политичкиот дијалог, трговијата и економската соработка.
Со министрите за надворешни работи на Либан и Соломонските Острови беше поздравено воспоставувањето на дипломатските односи и изразена подготвеност за нивно понатамошно унапредување.
Во рамки на средбата со узбекистанскиот министер, Бахтијор Саидов, беше потпишан Протокол за соработка и консултации меѓу двете министерства, кој ќе претставува основа за унапредување на билатералните односи и политичката соработка.
Министерот Муцунски се сретна и со генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Х. Синирлиоглу, при што беше потврдена успешната досегашна соработка и разговарано за нејзино понатамошно продлабочување.