Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, на покана на неговиот турски домаќин, Хакан Фидан, учествуваше на 3-тиот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој се одржа во Анталија, Турција, на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија.
На состанокот, на кој учествуваа министрите за надворешни работи на сите земји од Западен Балкан и Турција, беа разгледани актуелните глобални случувања и регионалната динамика. Посебен акцент беше ставен на теми од непосреден интерес за граѓаните, како што се координацијата во ЕУ-интеграционите процеси, справувањето со природни катастрофи, регионалната поврзаност, како и младите и образованието. Министрите разменија мислења за можни решенија и споделија искуства од најдобрите практики.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја потврди силната поддршка на Северна Македонија за иницијативи што ја унапредуваат регионалната стабилност и отпорност. Тој ја поздрави соработката во справувањето со природни непогоди, како и проектите насочени кон младите, образованието и иновациите, вклучително и идејата за регионален технолошки фестивал, нагласувајќи дека вложувањето во младите е директна инвестиција во иднината на регионот.
Осврнувајќи се на европската перспектива на регионот, министерот ја истакна важноста од реформите, усогласувањето со европските стандарди, како и развојот на иницијативи во транспортот, инфраструктурата, здравството и дигитализацијата на образованието.
Министерот заклучи дека Балканската платформа за мир треба да продолжи да функционира како форум што продуцира конкретна соработка и видливи придобивки за граѓаните.
Балканската платформа за мир е иницијатива покрената од турскиот министер Хакан Фидан во јули 2025 година, со цел унапредување на регионалниот мир, стабилност и благосостојба преку заеднички пристап во решавањето на регионалните прашања. Досега се одржани два министерски состаноци во Истанбул.