Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на министерската сесија „Геополитички превирања: Централна и Југоисточна Европа во свет на коридори, безбедност и проширување“, одржана во рамките на Бледскиот стратешки форум.
Во своето обраќање, министерот Муцунски се осврна на актуелните геополитички и безбедносни предизвици, стратешката важност на транспортните коридори, регионалната отпорност и европската перспектива на Западен Балкан.
Тој нагласи дека членството во НАТО претставува значајна предност преку споделувањето информации, заедничките политики за отпорност и одвраќање, но истовремено предупреди дека безбедносните ризици во регионот остануваат присутни. Во тој контекст, посочи на руската агресија врз Украина, влијанието и активностите на Кина и Иран, како и на пошироките конвенционални и неконвенционални закани, вклучително и сајбер-влијанието и обидите за економска принуда.
Посебен акцент беше ставен на стратешкото значење на Коридорите VIII и X. Муцунски истакна дека нашата држава е единствената во регионот каде што се вкрстуваат двата коридора, нагласувајќи дека транспортната и енергетската инфраструктура имаат директно значење за економската, политичката и безбедносната отпорност.
„Нашата отпорност е силна онолку колку што е силна нашата инфраструктура“, порача Муцунски.
Осврнувајќи се на европската интеграција, тој нагласи дека инвестициите во инфраструктурата и регионалната поврзаност мора да бидат придружени и со јасна политичка инвестиција во проширувањето на Европската Унија.
„Доколку Европа сака да зборува со јазикот на геополитиката, тогаш проширувањето не може да го гледа низ логиката на бирократијата. Потребна е стратешка визија. Кога земјите кандидати постигнуваат напредок и се целосно усогласени со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, тој напредок мора да биде видлив“, истакна министерот.
Муцунски посочи дека претходните проширувања на Европската Унија биле резултат не само на исполнувањето на критериумите, туку и на политичка волја и стратешка одлука дека проширувањето е во интерес на Европа.
„Вистинска пресвртница би било неколку земји од регионот да станат членки на Европската Унија. Тоа би било доказ дека термините ‘моментум’ и ‘прозорец на можности’, кои ги слушаме веќе неколку години, конечно се целосно разбрани и сфатени“, нагласи Муцунски.
Воедно, оцени дека од Брисел доаѓаат охрабрувачки сигнали за нов пристап кон политиката на проширување и нејзино приспособување кон актуелниот геополитички контекст.
„Нашето барање е јасно – европската интеграција да биде модел за трансформација на нашите институции, а не обид за трансформација на нашите идентитети. Оценувајте нè врз основа на заслугите и според тоа дали, во време на геополитички превирања, сме усогласени со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија“, порача Муцунски.
Во своето обраќање, министерот го истакна и примерот на Словенија и Хрватска како земји кои, и покрај предизвиците во минатото, денес имаат силни односи и можат да претставуваат важен пример и поддршка за земјите од Западен Балкан во градењето посилна регионална соработка и стратешка отпорност.