Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Обраќање на министерот Муцунски на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – Европска унија

Обраќање на министерот Муцунски на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – Европска унија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево учествуваше и се обрати на 24-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – Европска унија, што се одржа на 26 и 27 ноември 2025 година во Стразбур.

Во своето обраќање пред членовите на Комитетот, министерот Муцунски истакна дека Стразбур, како дом на европската демократија, претставува силен потсетник на европските вредности кон кои нашата држава е посветена веќе две децении. Тој потсети дека оваа година се навршуваат 20 години од добивањето на кандидатскиот статус, период во кој земјата спроведе значајни реформи и покажала конзистентна определба за европската интеграција.

Министерот нагласи дека македонските граѓани остануваат силно проевропски ориентирани, но дека е неопходно процесот на проширување да биде предвидлив и меритократски за да се спречи појавата на евро-песимизам. Во таа насока, тој укажа дека државата е 100% усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, активно поддржувајќи го Украина и придонесувајќи кон зајакнување на европската безбедност како директен партнер и НАТО-сојузник.

Муцунски се осврна и на реформските процеси поврзани со Планот за раст и Реформската агенда 2024–2027, истакнувајќи дека реформите се насочени кон економски развој, задржување на младите и привлекување инвестиции. Тој подвлече дека државата веќе докажува дека може да придонесува кон стабилноста на регионот и Унијата, меѓу другото и преку првото партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ во рамките на Западен Балкан.

Во делот на билатералните прашања, министерот посочи дека продолжената блокада од страна на Бугарија не ја штети само нашата држава, туку ја намалува довербата во процесот на проширување и ги ослабува стратешките интереси на регионот. Тој нагласи дека успехот на европската интеграција лежи во конкретни проекти, економска и енергетска поврзаност, а не во отворање теми поврзани со идентитетот, јазикот и националниот наратив. Повтори дека македонскиот јазик, идентитет и достоинството на граѓаните не се и не може да бидат предмет на преговарање.

Министерот потенцираше дека државата останува конструктивен партнер во регионот, посветена на добрососедските односи, исполнувањето на меѓународните обврски и унапредувањето на соработката со сите соседи каде што тоа носи конкретни придобивки за граѓаните.

На крајот од обраќањето, Муцунски изрази благодарност до Европскиот парламент за доследната поддршка на европската перспектива на земјата и порача дека македонските граѓани остануваат цврсто проевропски. Тој повика на партнерство засновано на јасни, предвидливи и фер критериуми, со уверување дека заеднички може да се претвори евентуалниот евро-песимизам во обновен европски оптимизам.

Мени за пристапност