Во организација на Стопанската комора на Република Северна Македонија, денеска во Скопје се одржа настан посветен на значењето на транспортните коридори и нивната улога во економскиот развој и безбедносната архитектура на Југоисточна Европа, во рамки на Иницијативата „Три мориња“.
На настанот свое обраќање имаше заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кој истакна дека поврзувањето на нашата земја преку европските транспортни, енергетски и комуникациски коридори претставува клучен предуслов за забрзан економски раст, зголемена конкурентност и поефикасна интеграција во Единствениот европски пазар.
Димитровски, посочи дека Северна Македонија веќе го има изразено својот интерес за стекнување партнерски статус во рамки на Иницијативата „Три мориња“, со очекување за позитивен исход, особено за време на претстојниот Самит во Дубровник, кој ќе се одржи за време на хрватското претседателство со иницијативата.
„Нашето учество во оваа иницијатива го гледаме како комплементарен процес на евроинтеграциите, со јасна цел за приближување кон европските економски и институционални стандарди, како и за понатамошно позиционирање на државата како релевантен партнер во регионот“, истакна Димитровски.
Во своето обраќање, тој се осврна и на значењето на инфраструктурното поврзување, нагласувајќи дека учеството во иницијативата овозможува пристап до пошироки регионални проекти, што ќе придонесат за модернизација на патната и железничката мрежа, подобрување на логистичките капацитети и намалување на транспортните трошоци, со директни ефекти врз економијата и конкурентноста. Дополнително, беше истакнато дека иницијативата отвора можности за диверзификација на енергетските извори и зајакнување на стабилноста на енергетскиот систем.
На настанот се обрати и заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николовски,
претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, додека модератор на дискусијата беше, д-р Зоран Јолевски.
Настанот претставуваше значајна платформа за размена на ставови за унапредување на регионалната соработка, економскиот развој и инфраструктурното поврзување, како и за можностите што ги нуди Иницијативата „Три мориња“ за земјите од Југоисточна Европа.