Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски заедно со министерот за трговија и интеграции на Казахстан, Арман Шакалиев, свечено го отворија бизнис – форумот, што се одржа во присуство на бројни претставници на деловните заедници од двете земји.
Во рамки на форумот беа потпишани два Договори - Договор за формирање на македонско-казахстански Бизнис совет и Меморандум за соработка за промоција на трговијата и економската соработка, со кои се очекува да се создаде цврста основа и дополнителен поттик за натамошно унапредување на билатералните економски односи меѓу двете земји. Во рамки на бизнис – форумот беа одржани и повеќе Б2Б средби меѓу стопанствениците од двете земји.
Одржувањето на форумот претставува јасна потврда за заедничката посветеност на Република Северна Македонија и Казахстан за натамошно продлабочување на економските врски. Притоа, беше нагласена заедничката подготвеност за унапредување на соработката и поефикасно искористување на потенцијалите, како преку институционална поддршка, така и преку директно поврзување на компаниите, со јасна порака за поддршка на бизнис секторот и поттикнување на трговската и инвестициската активност.
Дополнително, беше потенцирано значењето на развојот на транспортната и енергетската инфраструктура, вклучително и Коридорот 8 и Средниот коридор, како клучни двигатели за засилување на трговската размена во наредниот период. Во таа насока, Димитровски ја истакна улогата на Казахстан како значаен регионален центар и мост меѓу Европа и Азија, со изразен потенцијал за партнерства, оценувајќи дека токму економската соработка е двигател на одржливиот развој и просперитетот на двете земји.