На 24 април 2026 година во Скопје, беше одржана Конференција на Претседатели/Претседатели на Парламенти на Јадранско-јонската иницијатива, во рамки на која поздравно обраќање имаше заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, г. Зоран Димитровски.
За време на Конференцијата, учесниците ја потврдија цврстата и заедничка посветеност кон зајакнување на регионалното единство и унапредување на меѓусебната соработка, како и кон забрзување на процесот на европска интеграција на регионот.
Во духот на конструктивниот дијалог и партнерството, беше истакната суштинската улога на парламентите како носители на демократскиот легитимитет и како клучни двигатели на политики што директно влијаат врз животот на граѓаните. Учесниците се согласија дека конкретни и одржливи резултати можат да се постигнат единствено преку зајакната меѓу- парламентарна соработка, усогласување на законодавството и размена на добри практики.
Состанокот ја потврди и важноста на Стратегијата на Европската унија за Јадранско-јонскиот регион и на Иницијативата како клучни механизми за поттикнување на поврзаноста, економскиот развој и стабилноста, а беа реафирмирани и заложбите за искористување на европските инструменти за поддршка и приближување на придобивките од европската интеграција до граѓаните.
Заменик министерот Димитровски, во своето обраќање, стави акцент на приоритетните области во рамките на нашето претседавање со Јадранско-јонската иницијатива и стратегија, како што се: забрзување на европската интеграција, дигиталната трансформација, унапредување на инфраструктурната и енергетската поврзаност, заштита и промоција на културното наследство, како и поголемо вклучување на младите во процесите на креирање политики. Во таа насока, учесниците ја поздравија улогата на Република Северна Македонија како претседавач, истакнувајќи ја нејзината посветеност кон поттикнување подинамична, поефикасна и поинклузивна регионална соработка, при што беше нагласена и потребата од засилена координација и усогласено заедничко дејствување во услови на современите геостратешки предизвици.
Состанокот заврши со усвојување на заедничка изјава од страна на присутните високи претставници и со заедничка определба за натамошно зајакнување на довербата, продлабочување на соработката и градење поинтегриран, поотпорен и просперитетен Јадранско-јонски регион, како значаен дел од европското семејство.