Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Одржани билатерални политички консултации со Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија

Одржани билатерални политички консултации со Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија

На 24 ноември 2026 година во Скопје беа одржани политички консултации помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Консултациите беа предводени од заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски и Натали Каутер, директор за Европа во германското Сојузно министерство за надворешни работи.

Во отворен и конструктивен разговор, соговорниците ги потврдија одличните билатерални односи, засновани на заемна доверба, заеднички демократски вредности, партнерството во рамките на НАТО и континуираната германска поддршка за европската интеграција на нашата земја. Беше изразена заедничка определба за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог, надворешно-политичката координација, економската и секторската соработка, вклучително и соработката со германските сојузни покраини.

Беше истакната интензивната развојна и економска соработка, имајќи ја предвид улогата на Германија како еден од најзначајните економски партнери на нашата земја. Во таа насока, беше нагласена важноста од натамошно унапредување на соработката во областите на економскиот развој, енергетската транзиција, дигитализацијата, владеењето на правото, образованието и одбраната.

Посебно внимание беше посветено на процесот на проширување на Европската Унија и европската перспектива на нашата земја. Заменик министерот Димитровски ја истакна континуираната и принципиелна германска поддршка за земјите од Западен Балкан, како и водечката улога на Германија во Берлинскиот процес. Притоа, ја нагласи важноста од кредибилен и предвидлив пристапен процес, заснован на заслуги и исполнување на Копенхашките критериуми, при што билатералните прашања треба да се решаваат преку дијалог и заемно разбирање, без да влијаат врз динамиката на евроинтегративниот процес. Соговорниците разменија мислења и за актуелните состојби во Унијата и можностите за натамошно придвижување на процесот на проширување.

Во рамки на консултациите беа разгледани и регионалните и глобалните прашања, со акцент на актуелните безбедносни предизвици, геополитичките случувања и нивното влијание врз регионалната стабилност. Беше потврдена важноста од координиран пристап на сојузниците и тесна соработка во зачувувањето на мирот, стабилноста и меѓународниот поредок преку тесна соработка и дијалог.

Мени за пристапност