Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје оствари одвоени средби со амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, амбасадорот на Шведска, Ола Сулстром, и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.
На средбите стана збор за европската интеграција и поддршката на партнерите во овој процес, реформската агенда, регионалната стабилност и безбедност, економската дипломатија, инвестициите и натамошното продлабочување на соработката.
Министерот Муцунски ја нагласи посветеноста на Владата на реформскиот и евроинтегративниот процес, како и определбата за натамошно зајакнување на политичкиот дијалог и економската соработка со партнерите.
Воедно, беа разменети мислења за актуелните геополитички случувања во Европа, како и за заедничкиот придонес кон регионалната и европската безбедност и стабилност.