На 17 февруари 2026 г. во Скопје, се одржаа политички консултации меѓу Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Јапонија, предводени од државниот секретар, Елена Кузмановска Биондиќ и Сеичиро Тагучи, Заменик генерален директор во Бирото за европски прашања – Aмбасадор за Западен Балкан.
Делегациите разменија мислења за билатералните односи меѓу двете земји и можностите за нивно унапредување, истакнувајќи ја заедничката заложба за унапредување на политичкиот дијалог и соработката во области од заемен интерес.
Во рамки на консултациите се разговараше за актуелните регионални и глобални случувања, со посебен осврт на состојбите во Западен Балкан, при што беше потврдена поддршката на Јапонија за стабилноста и развојот на регионот, како и нејзината континуирана поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија.
Соговорниците особено се осврнаа на можностите за продлабочување на економската соработка и зголемување на јапонските инвестиции, како и соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, животната средина, образованието, туризмот и локалната самоуправа. Беше истакната важноста на јапонската развојна помош и трансферот на знаење (know-how) од јапонските партнери.
Од страна на државниот секретар Кузмановска Биондиќ беше инициран редовен политички дијалог и економска соработка, насочена кон поттикнување на јапонските инвестиции, поддршка на одржливи развојни проекти и размена на експертиза во приоритетни области, при што двете страни ја потврдија подготвеноста за продолжување на редовните политички консултации и натамошно зајакнување на партнерството меѓу двете земји.