Денес, државниот секретар во министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски, оствари средба со амбасадорката на Јапонија во Скопје, Н.Е. Сецуко Кавахара.
На средбата беа потврдени одличните односи меѓу двете земји, кои се базираат на традиционално пријателство, взаемна почит, меѓусебно разбирање и конструктивна соработка во различни сфери од заемен интерес.
Државниот секретар Палашевски изрази благодарност за долгогодишната поддршка на Јапонија како еден од најзначајните билатерални донатори на нашата земја, особено преку техничка и развојна помош во областите на здравството, образованието, животната средина, земјоделството, локалната инфраструктура и други значајни сектори.
На средбата беше разговарано за тековните и идните проекти, како и за планираните активности и настани меѓу двете земји. Во тој контекст, беше истакната важноста на претстојната JETRO деловна мисија во Западен Балкан со учество на јапонски компании како можност за дополнително унапредување на економските односи, зголемување на трговската размена и привлекување нови јапонски инвестиции во Република Северна Македонија. Беше изразена подготвеност за воспоставување директни контакти меѓу јапонските компании и надлежните институции.
Посебно беше истакнато значењето на продолжувањето на соработката со JICA, особено во областите на инфраструктурата, енергетиката, здравството, јавниот транспорт и одржливиот туризам. Во овој контекст беа разменети мислења и за можностите за реализација на конкретни проекти во земјата, како и за поттикнување на туристичката размена меѓу двете земји.
На средбата беа разменети мислења и за актуелните меѓународни и регионални случувања, со посебен осврт на состојбите во западен Балкан и индо-пацифичкиот регион како и на можностите за натамошно продлабочување на мултилатералната соработка во рамките на Обединетите нации.
Соговорниците ја потврдија заедничката подготвеност за продолжување на отворениот и конструктивен дијалог и за натамошно продлабочување на пријателските односи и соработката меѓу Република Северна Македонија и Јапонија.