Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија д-р Јовица Палашевски денес оствари средба со Н.Е. Паоло Палминтери амбасадор на Италијанската Република во Скопје.
Во фокусот на разговорите беа билатералните односи и можностите за нивно натамошно унапредување. Во тој контекст изразија заемно задоволство од традиционално добрата соработка и високото ниво на доверба меѓу двете пријателски држави, определба за продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на партнерството во области од заемен интерес.
Државниот секретар Палашевски ја истакна континуираната поддршка што Италијанската Република и ја дава на Република Северна Македонија, во евроинтегративниот процес, нагласувајќи го значењето на италијанскиот ангажман во рамките на политиката на проширување на Европската Унија, како и активната улога на Италија во групата „Пријатели на Западен Балкан’’.
Амбасадорот Палминтери ја реафирмираше силната поддршка на Италијанската Република за европската перспектива на Северна Македонија и ја изрази подготвеноста за натамошно интензивирање на политичка, економска и техничка соработка.
Соговорниците разменија мислења за можностите за проширување на соработката во областа на економската дипломатија, трговијата, културата и образованието, потврдувајќи ја заедничката заложба за понатамошно јакнење на билатералните односи.