Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес на средба го прими амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Сулстром.
Соговорниците го истакнаа континуираниот позитивен развој на македонско-шведските односи, при што беше нагласено дека изминатата година беше особено значајна во однос на продлабочувањето на политичкиот дијалог, економската соработка и парламентарната дипломатија. Во таа насока, беше изразена подготвеност позитивниот тренд на соработка да продолжи и во текот на оваа година, со посебен фокус на економската соработка.
На средбата беа разменети мислења и во однос на текот на евроинтегративниот процес на земјата, при што министерот Муцунски изрази особена благодарност за досегашната силна поддршка на Кралството Шведска на нашите аспирации за членство во Европската Унија, која е дополнително зајакната во изминатите години.