Во рамки на работната посета на Вилнус, заменик министерот Зоран Димитровски, денес оствари средба со претседателката на Групата за меѓупарламентарни односи со земјите од Западен Балкан во литванскиот Парламент, пратеничката Јурате Заилскиене.
На средбата беше изразено заемно задоволство од досегашната соработка меѓу двата законодавни дома, со посебен акцент на улогата на парламентарните групи за соработка во двете земји, чиј придонес за севкупното зајакнување и продлабочување на билатералните односи е од особено значење.
Заменик министерот Димитровски ја нагласи клучната улога на парламентите во унапредувањето на демократскиот дијалог и развојот на меѓусебната соработка, потенцирајќи дека групите за соработка во двата парламента претставуваат вредна платформа за интензивирање на дијалогот, размена на искуства и иницирање конкретни форми на соработка меѓу законодавните тела.
Во таа насока, Димитровски се осврна и на одлуката на Владата за отворање на Амбасада на Република Северна Македонија во Вилнус, оценувајќи ја како логичен и значаен чекор во натамошниот развој на билатералните односи, кои во изминатиот период бележат засилена динамика.
На средбата, заменик министерот Димитровски ја запозна пратеничката Заилскиене и со актуелната состојба во процесот на интеграција на нашата земја во Европската Унија, како и со активностите на Владата во рамки на реформската агенда, при што изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Литванија на овој стратешки приоритет на државата.