Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Учество на државниот секретар Елена Кузмановска Биондиќ на Првата Конференција за Италофонија во Рим, 18 ноември 2025 година

Учество на државниот секретар Елена Кузмановска Биондиќ на Првата Конференција за Италофонија во Рим, 18 ноември 2025 година

На покана на италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани, државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Елена Кузмановска Биондиќ учествуваше на Првата Конференција за Италофонија, што се одржа во Рим, на 18 ноември 2025 година.

 

Во своето обраќање на Конференцијата, Кузмановска Биондиќ го поздрави создавањето на оваа нова платформа за дијалог и соработка засновани на употребата на италијанскиот јазик, како суштинска потврда за силната определба на Италија за дијалог и градење меѓународна соработка преку основното средство за комуникација. Притоа, го изрази очекувањето дека Италофонијата ќе овозможи градење мостови меѓу луѓето и културите, а со тоа и меѓусебно разбирање, градење доверба и создавање услови за соработка.

 

Кузмановска Биондиќ се осврна на местото и улогата на италијанскиот јазик во македонското општество, и нагласи дека италијанскиот јазик е дел од нашиот културен пејзаж кој се изучува на Универзитетот Св. Кирил и Методиј уште од 1959 година, а во 2010 година беше формирана и Катедрата за италијански јазик и книжевност. Меѓу другото, нагласи дека денес имаме над 800 дипломирани италијанисти, што за мала земја како нашата е вистинско богатство.

 

Во обраќањето, таа се осврна и на меѓудржавните односи и македонско-италијанската соработка, кои над три децении се градат преку пријателство и партнерство засновано на заеднички европски вредности. Притоа, нагласи дека Италија беше и останува еден од најгласните поддржувачи на политиката на проширување на Европската унија, и посебно на македонската евроинтеграција, чин кој длабоко го цени државата и народот.

 

На Конференцијата се очекува министрите да усвојат Декларација за основање на Заедница на Италофонијата, која ќе ја претвори оваа културна сила во надворешно-политичка платформа и во простор за соработка меѓу народи, универзитети, уметници, научници, младински заедници и др.

 

На маргините на учеството, Кузмановска Биондиќ оствари повеќе средби и разговори со свои хомолози.

Мени за пристапност