Денеска, на заеднчка покана на високиот претставник и потпретседател на Европската комисја, Каја Калас, заменик премиерот и министер за надворешни работи и иселеници на Хешемитското Кралство на Јордан, Ајман Сафади и министерот за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Крлаството Шпанија, Хозе Мануел Албарес, државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Елена Кузмановска Биондиќ, учествуваше на 10от Регионален форум на Унијата за Медитеранот што се одржа во Барселона, Шпанија.
На Форумот, кој оваа година се совпаѓа со 30-годишнината од започнувањето на Барселонскиот процес, министрите и високите претставници на членките на Унијата за Медитеранот дискутираа за важноста од обезбедување одржлив мир во сите региони на Медитеранот, како и за улогата, досегашната работа и новиот стратешки курс на Организацијата. Посебен фокус беше ставен на усвојувањето на новата стратешка рамка – Визија 2025 на Унијата за Медитеранот, како и на Пактот за Медитеранот на Европската Унија, кои заеднички поставуваат комплементарна рамка за продлабочена соработка, засилена координација во заедничкиот Медитерански простор.
Во своето обраќање, државниот секретар Кузмановска Биондиќ ја апострофираше континуираната посветеност на Северна Македонија кон работата на Унијата за Медитеранот, посочувајќи ја нејзината улога како уникатна регионална платформа за дијалог, партнерство и практична соработка. Таа ја поздрави усвоената Визија 2025 како значајно заедничко достигнување и обновен мандат за дејствување на Организацијата, а Пактот за Медитеранот го оцени како значајна нова рамка која, преку своите три столба, отвора простор за подлабока соработка, подобрена усогласеност и заеднички ангажман за клучните регионални приоритети, со посебен акцент на луѓето.
Во тој контекст, ДСЕК Кузмановска Биондиќ увери дека земјата ќе продолжи со своето конструктивно учество во сите процеси и иницијативи под покровителство на Унијата за Медитеранот кои донесуваат конкретни придобивки за граѓаните и придонесуваат кон побезбеден, поотпорен и поинтегриран Медитерански регион.