Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, г-ѓа Елена Кузмановска-Биондиќ, учествуваше на 13. состанок ЕУ–Западен Балкан 6 на ниво на политички директори, посветен на соработката во рамки на Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЗНБП) во Брисел.
Состанокот го водеше амбасадорот Бјорн Олоф Ског, заменик генерален секретар за политички прашања во Европската служба за надворешна акција (EEAS). Разговорите беа насочени кон актуелните надворешно-политички и безбедносни прашања од заеднички интерес за ЕУ и земјите од регионот, со посебен акцент на натамошното јакнење на соработката во делот на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, руската агресија врз Украина, како и пошироките регионални последици од тековните глобални случувања.
Во своето излагање, државниот секретар Кузмановска-Биондиќ ја нагласи доследната определба на државата за целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и подготвеноста за континуирано продлабочување на соработката во оваа област. Таа ја истакна и активната улога на земјата во поддршката на европската и регионалната безбедност, како и потребата од поинтензивна и пооперативна соработка меѓу ЕУ и регионот во насока на јакнење на отпорноста и справување со новите безбедносни предизвици.
ДСек Кузмановска-Биондиќ се осврна и на геополитичката димензија на проширувањето, нагласувајќи ја важноста од обезбедување одржлива и кредибилна европска перспектива за регионот. Притоа, истакна дека земјата ќе продолжи да има конструктивна, кредибилна и проактивна улога во унапредувањето на регионалната стабилност и просперитет, и во зајакнувањето на регионалната соработка и интеграција.