Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Елена Кузмановска Биондиќ, учествуваше на 20-тата НАТО конференција за контрола на оружјето за масовно уништување, разоружување и непролиферација, која се одржа во Берлин, СР Германија од 3-4 март 2026 година.
Наша определба останува посветеноста на имплементацијата и почитувањето на мултилатералните договори за контрола на оружје, разоружување и непролиферација. Дополнително, како земја членка на НАТО, земјата останува поддржувач на политиката на Алијансата на ефектно одвраќање со отвореност кон дијалог и останува усогласена со ставовите на ЕУ и НАТО во делот на непролиферацијата и се залага за зголемена транспарентност и нови механизми за поголема верификација во контролата на оружјето.
Во фокусот на дискусиите на кои што учествуваа високи државни претставници, меѓународни организации и експерти во доменот на разоружување и контрола на оружјето за масовно уништување беа безбедноста и стабилноста во НАТО контекстот, справувањето со растечките глобални нуклеарни закани, претстојната прегледна конференција на договорот за нуклеарна непролиферација (NPT) која што ќе се одржи во 2026 година како и останатите закани во доменот на хемиските и биолошките оружја.
Дискусиите особено беа фокусирани и на темите за сеопфатна контрола и верификација на нуклеарното вооружување во услови на намалена доверба на глобално ниво, балансот помеѓу вооружувањето и механизмите за транспарентен мониторинг на истото и важноста на ефикасни комуникациски стратегии на оваа тема.