Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Учество на министерот Муцунски на Министерскиот состанок на Групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Братислава

Учество на министерот Муцунски на Министерскиот состанок на Групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Братислава

На покана на министерот за надворешни и европски работи на Словачка, Јурај Бланар, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на 12 мај 2026 година во Братислава учествуваше на Министерскиот состанок на Групата „Пријатели на Западен Балкан“.

Групата „Пријатели на Западен Балкан“ ја сочинуваат Италија, Австрија, Грција, Чешка, Словачка, Хрватска и Словенија, а е формирана со цел забрзување на пристапниот процес и интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

На состанокот беа разменети мислења за актуелните предизвици на политиката на проширување во актуелниот геополитички контекст, стратешката соработка со регионот, економскиот развој и безбедноста. Во дискусиите преовладуваше силна поддршка за нова, засилена динамика на пристапниот процес, како и за потребата од храбри и стратешки одлуки во насока на проширувањето на Европската Унија.

Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна важноста од забрзување на процесот на проширување, со посебен фокус на отстранување на пречките за непречена трговија со Европската Унија во контекст на европските регулативи кои го забавуваат пристапот до внатрешниот пазар на Унијата.

Притоа, министерот Муцунски посочи дека концептот на постепена интеграција треба дополнително да се надгради со нови иницијативи кои ќе овозможат поактивно учество на земјите од регионот во креирањето на политиките на Европската Унија и ќе донесат директни придобивки за граѓаните.

Воедно, во своето излагање министерот Муцунски посебен акцент стави на евроинтеграцијата на државата, Планот за раст и посветеноста на реформите како предуслов за користење на новите средства од Унијата.

Тој говореше и за значењето на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека Република Северна Македонија претставува точка на пресек на Паневропските коридори VIII и X, кои имаат значајна економска, безбедносна и геостратешка важност за регионот и Европа.

Мени за пристапност