Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од денес до петок престојува во работна посета на Женева, Швајцарија.
Во рамки на посетата, министерот ќе се обрати на Самитот на млади лидери, во организација на Светскиот економски форум, што се одржува во Женева.
Покрај обраќањето, министерот ќе го отвори Почесниот конзулат на Република Северна Македонија во Женева, а во пресрет на одбележувањето на Денот на независноста, ќе говори и на прием организиран за македонската дијаспора во овој дел на Швајцарија.
Предвидени се и билатерални средби со генералниот директор на Светската трговска организација, со заменикот висок комесар за човекови права, со директорот на Женевскиот центар за безбедносни политики, како и со специјалниот известувач за малцински прашања при Советот за човекови права на Обединетите нации.