Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на 52-от онлајн состанок на Советот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за црноморска економска соработка. На состанокот учествуваа заменици министрите и други високи претставници на Министерствата за надворешни работи на земјите членки, претставници на работните тела и набљудувачите на Организацијата, кои се обратија со свои излагања и осврти за актуелните приоритети и предизвици во регионот на БСЕК.
Во своето обраќање, заменик министерот Димитровски ја истакна конструктивната и активна улога на нашата земја во работата на Организацијата за време на грузиското претседавање. Притоа, го нагласи значењето на зајакнувањето на регионалната инфраструктурна поврзаност, енергетската безбедност и развојот на зелената енергија, како и унапредувањето на соработката во областа на туризмот, културата, дигиталната трансформација и доброто владеење – приоритети кои се високо позиционирани и на владината агенда.
Упатувајќи честитки до Грузија за успешно реализираното претседавање со Организацијата во изминатиот период, како и до Република Грција по повод преземањето на претседавањето во втората половина на 2026 година, Димитровски изрази уверување дека само преку заеднички ангажман и засилена соработка, земјите членки ќе можат поефикасно да одговорат на актуелните регионални и глобални предизвици, вклучително и економските последици од војната во Украина и состојбите на Блискиот Исток.
Тој го поздрави и ангажманот на генералниот секретар на Организацијата, амбасадорот Лазар Команеску, во насока на остварување на нејзините стратешки цели, воедно нагласувајќи го и значењето на соработката на земјите членки на Организацијата со регионалните и меѓународните партнери, особено со Европската Унија, што претставува значајна поддршка за европската интеграција на земјите од Југоисточна Европа.