Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Зоран Димитровски, денеска во Трст, учествуваше на Kонференција по повод одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Централно европската иницијатива (ЦЕИ).
Настанот беше одржан под покровителство на Италијанската Влада и беше воден од страна на потпретседателот на Владата и министер за надворешниработи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани и министерката за надворешни работи на Романија, Оана Тоу, како земја актуелен претседавач со иницијативата. Конференцијата беше посветена на темата „Триесет години соработка и посветеност: oд политика кон акција и регионална поврзаност", а во фокусот на дискусиите беа регионалната соработка, поврзаноста и европската интеграција како клучни предуслови за стабилноста, безбедноста и економскиот развој на Европа.
Во своето обраќање, заменик министерот, Димитровски, ја нагласи стратешката димензија на европската интеграција на Западен Балкан при што истакна дека Европската унија и земјите од Западен Балкан се меѓу зависни, а безбедноста не е еднонасочна улица. Овие земји не се периферија на континентот, туку интегрален дел од европската архитектура на стабилност. Оттука, интеграцијата на земјите од Западен Балкан, не е само политичка цел, туку и стратешка неопходност за Европа во целина.
Димитровски потенцираше дека Северна Македонија ги исполнува своите обврски. Земјата го усогласува законодавството, целосно се придржува до надворешната и безбедносната политика на ЕУ и активно придонесува кон регионалната стабилност. Сега, истакна тој, е неопходна реципрочна поддршка. Таа треба да дојде во вид на конкретни интеграциски мерки како СЕПА, роаминг, зелени коридори и развој на инфраструктурата. Реалното олеснување на четирите слободи, капитал, стоки, услуги и луѓе, не е симболичен чин. Тоа е темелот на економската конвергенција и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
За време на конференцијата, заменик министерот, Димитровски, имаше средби со повеќе колеги од земјите учеснички, меѓу кои и со државниот секретар за безбедносна политика во унгарското Министерство за надворешни работи и трговија, г. Петер Старај. Централни теми на разговорите беа интензивната соработка што двете земји ја развиваат во изминатиот период како потврда за стратешкото партнерство, заедничката заложба за унапредување на дијалогот и натамошно динамизирање на секторската соработка. Посебно беа истакнати одличните економски врски, потврдени со фактот дека Унгарија е меѓу десетте најголеми трговски партнери и инвеститори во Северна Македонија.
За нас, ЦЕИ во изминатите три децении претставува значаен мост кој ги поврзува регионите, институциите и политиките. Основана во 1989 година, ЦЕИ денес брои 17 земји членки и е позната како една од најстарите и најинклузивни регионални иницијативи на европскиот континент, која успешно ги поврзува земјите членки на ЕУ со државите кандидати и ги трансформира политичките цели во конкретни резултати на терен.