Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, на 20 ноември 2026 година, учествуваше на панел-дискусијата „Реобмислување на економската безбедност“, во рамки на 12-то издание на конференцијата „Медитерански дијалози“ (MED 2026), која се одржа во Неапол, Италија.
Во своето обраќање, Димитровски истакна дека во услови на зголемена геополитичка неизвесност економската безбедност добива сè поголемо стратешко значење, а нејзиното реобмислување бара пристап што ги спојува отпорноста, конкурентноста и регионалната и меѓународната соработка.
Во тој контекст, како три важни приоритети за нашата земја ги претстави енергетската диверзификација, транспортната поврзаност и дигитализацијата на трговските процеси. Посебен акцент стави на гасниот интерконектор со Грција, кој ќе обезбеди алтернативни извори на снабдување и поврзување со европскиот енергетски пазар, како и на стратешката важност на транспортните коридори X и VIII, вклучително и на железничкото поврзување со Бугарија.
Димитровски укажа и на тесната поврзаност на економската безбедност со европската интеграција, оценувајќи дека постепената интеграција кон ЕУ треба да се одвива паралелно со кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги процес на пристапување. Воедно, додаде дека економски посилен и поинтегриран Западен Балкан е во директен интерес за безбедноста и конкурентноста на самата Европска Унија.
Осврнувајќи се на регионалната и медитеранската соработка, заменик
министерот Димитровски посочи дека нашата земја, како земја членка на Унијата за Медитеранот, сака поактивно да ги користи можностите што таа ги нуди како рамка, но и да ги искористи потенцијалите во останатите регионални инцијативи за соработка, особено во делот на енергетиката и поврзувањето. Тој изрази и благодарност за поддршката на Италија за поврзувањето, економската размена и европската интеграција на регионот, вклучително и преку Коридорот VIII кој ги поврзува италијанските пристаништа Бари и Бриндизи со регионот.
На маргините на Конференцијата, Димитровски оствари средби со заменик министерот за надворешни работи и меѓународна трговија на Ерменија, Вахан Костанјан и со Стефаниа Розини од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија.
На средбата со ерменскиот соговорник беше потврдена заедничката заложба за интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на билатералната соработка, особено во областа на економијата и трговијата, информатичките технологии и дигитализацијата. Беа разменети мислења и за актуелни регионални и меѓународни прашања, при што беше истакната важноста на регионалната стабилност и почитувањето на европските вредности.
Во разговорот со Розини, акцентот беше ставен на можностите за унапредување на соработката во областа на земјоделството и безбедноста на храната. Во овој контекст, беше посочена и улогата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), со седиште во Рим, како институционална рамка за продлабочување на соработката и размена на искуства во овие области.