Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заменик министерот, Димитровски се обрати на отворањето на работилница за дипломатска предвидливост и идни предизвици

Заменик министерот, Димитровски се обрати на отворањето на работилница за дипломатска предвидливост и идни предизвици

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на отворањето на работилницата „Diplomatic Foresight: Anticipating Change in an Age of Uncertainty“, во организација на Дипломатскиот клуб Скопје и Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

Во своето обраќање, Димитровски ја истакна важноста од современ пристап кон дипломатијата во услови на брзи глобални промени и зголемена неизвесност, нагласувајќи дека дипломатите денес мора да бидат подготвени не само да управуваат со тековните процеси, туку и навремено да ги предвидуваат идните предизвици и трендови.

„Современата дипломатија се одвива во услови на постојана неизвесност, брзи промени и комплексни глобални предизвици. Во таков контекст, улогата на дипломатите значително се проширува – од управување со тековните процеси кон активно предвидување на идните процеси и обликување политики со долгорочен ефект“, истакна Димитровски.

Тој ја поздрави иницијативата за организирање на ваков тип работилници, посочувајќи дека заедничките напори на академската заедница и дипломатските институции претставуваат значаен придонес за развојот на современата дипломатија и за јакнењето на професионалните капацитети на дипломатскиот кадар.

Во обраќањето, Димитровски се осврна и на улогата на Дипломатската академија при Министерството, нагласувајќи дека определбата е таа дополнително да се развива како платформа за создавање и унапредување на нови дипломатски кадри, но и за поширока експертска соработка со институции и професионалци поврзани со надворешната политика.

Посебен акцент беше ставен и на младите дипломати, при што беше оценето дека вложувањето во нивното знаење, вештини и стратешко размислување претставува инвестиција во иднината на македонската надворешна политика.

На работилницата присуствуваше и амбасадорката на Јапонија, Н.Е. Кавахара, чиј придонес и меѓународно искуство беа посочени како особено значајни за учесниците на настанот.

Мени за пристапност