Министерство за надворешни работи

Наша заложба е да ги промовираме и застапуваме нашите интереси на меѓународен план. Евро-атлантската и европската интеграција се главни приоритети во нашето работење, воедно залагајќи се за безбеден, стабилен и просперитетен регион, како и развивање на поширока билатерална и мултилатерална соработка. Претставуваме сервис на граѓаните, обезбедувајќи конзуларни услуги за нашите државјани во странство.

+389 75 273 732

[email protected]

Најнови вести

Политички консултации помеѓу Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Литванија

Денес преку видео конференција се одржаа политички консултации помеѓу Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Литванија предводени од Заменик министерот Фатмире Исаки и Вицеминистерот Арнолдас Пранкевичиус. За време на разговорите, двете страни резменија мислења на повеќе теми, а пред сè за развојот на билатерални односи меѓу двете земји со акцент на економската соработка, реформските процеси во Република Северна Македонија, соработката во рамките на НАТО, мултилатералната соработка како и евроинтегративниот процес и потребата од што поскоро отпочнување на пристапните преговори помеѓу нашата земја и ЕУ. Заменик министерот Исаки се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка на Литванија за процесот на проширување на ЕУ како и во евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија. Во таа насока нагласи дека и покрај непринципиелните пречки со кои се соочува, Република Северна Македонија ќе продолжи на својот пат кон целосна интеграција во Унијата. Во таа насока, беа разгледани можностите за продлабочување на соработката на билатерален план преку твининг проекти и размена на искуства во ЕУ преговарачкиот процес особено во областите: управување со процесот на пристапување, стратешко планирање, децентрализирано управување со помошта од ЕУ и финансиска контрола, реформа на јавната администрација, правда и внатрешни работи, безбедност на храна итн. Вицеминистерот Пранкевичиус изрази задоволство од досегашниот развој на пријателските односи меѓу двете земји и ја подвлече заложбата за натамошно продолжување на политичкиот дијалог и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес. Тој ја повтори поддршката на литванската Влада за што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

 

Османи ги престави првите четири економски советници кои ќе бидат упатени во Варшава, Минхен, Анкара и Абу Даби

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес во рамки на исполнување на предвидените активности кои произлегуваат од мандатна мисија, во насока на ревитализација и зајакнување на економската дипломатија, ги престави првите четири избрани економски советници, кои ќе бидат упатени во рамките на нашите амбасади за да ги предводат и имплементираат економските политики секоја земја и регион посебно. Во првиот дел од пилот проектот, Амбасадорот Илија Псалтиров, кој е Доктор по економски науки, ќе биде упатен во Варшава, од каде покрај Полска, ќе ги покрива и останатите земји од групата Вишеград, како што се Чешка, Словачка и Унгарија. Абдилџемил Саити, ќе оди во Германија, и тоа во Конзулатот во Минхен, од каде ќе се покриваат економските активности и за Австрија – две земји кои се најголемите економски партнери на земјава. Сузана Тунева, Магистер по меѓународни економски односи, ќе биде испратена во амбасадата во Анкара, секако важна дестинација од економски аспект, имајќи ги предвид длабоките економски релации кои се веќе создадени со Република Турција. Бекри Ајдини, Магистер по меѓународна економија, кој уште од самиот почеток не само што е вклучен, туку и е задолжен за портфолиото ЕКСПО 2020 Дубаи; тој има веќе специфични познавања на економските односи со Обединетите Арапски Емирати и воопшто регионот на заливот, и соодветно на тоа ќе биде упатен во амбасадата во Абу Даби. „Задачата на економските советници ќе биде секако да ги престават потенцијалите на Република Северна Македонија како привлечна дестинација за странски инвестиции; да ја промовираат земјата како атрактивна туристичка дестинација; да ги промовираат нашите извозни потенцијали; но и воопшто да ја промовираат Северна Македонија како економски и политички бренд кој претставува дел од современото општество“, истакна Османи. Покрај испраќањето економски советници, во рамки на проектот за зајакнување на економската дипломатија Османи најави и Видео-конференции со нашите партнери во овие земји и региони. „Очекувам во текот на наредните месеци, во согласност со протоколите кои ги наметна Пандемијата, да отпочнеме со видео средби и презентации со нашите партнери и колеги од Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Турција, Австрија, Германија, Обединетите Арапски Емирати и земјите од заливот; активност за што примарно ќе бидат задолжени економските советници кои денес ви ги претставив“, нагласи Османи. Министерот посочи дека во следната фаза од овој, пилот проект, таргет се и неколку мултилатерални економски мисии. Во координација со Министерствата за Земјоделие и за Економија, во втората половина од годинава ќе бидат испратени наши претставници и во Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации или ФАО, во Рим; како и претставник во канцеларијата на Светската Трговска Организација во Женева.

 

Нова услуга и нов телефонски број на МНР за подобрување на конзуларните услуги

Министерството за надворешни работи во насока на унапредување на процесот на давање на конзуларни услуги и грижа за дијаспората во континуитет спроведува проекти што имаат за цел подобрување на работата на министертвото. Во таа насока, веќе од денеска на веб страната на МНР е поставен прашалник „Колку сте задоволни од конзуларните услуги?“, преку кој ќе можете да ги споделите вашите размислувања за услугите во дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство. Исто така, во фукција е ставен и телефонскиот број преку кој, користејќи ги современите апликации, WhatsАpp и Viber ќе можете директно да се обратите до министерството за надворешни работи и да ги пренесете вашите загрижености и потреби. На овој начин, преку овие алатки, капацитетите на министерството имаат намера да ја унапредат комуникацијата на дијаспората со државата и да се зголемат можностите за подобрување на достапноста на услугите кои ги користат овие наши граѓани во странство. Прашалникот „Колку сте задоволни од конзуларните услуги?“, можете да го најдете на следниот линк. Телефонскиот број: +389 75 268 734 (WhatsАpp, Viber)

Министер за надворешни работи на Република Северна Македонија:

Бујар Османи

Совети при патување во странство

Советите за патувања се извор на информации за граѓаните кои патуваат во други земји. Овие совети ќе ви помогнат да донесете информирани одлуки во врска со вашата безбедност додека престојувате во странство.

Прочитај повеќе
Посети ја Северна Македонија

Прочитај повеќе