Во интервју за NewsMax Balkans, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, зборуваше за европската интеграција на државата, регионалните прашања, членството во НАТО, партнерството со ЕУ во сферата на безбедноста и одбраната, како и за странските инвестиции.
Нагласувајќи дека државата активно работи на проширување на нови пријателства, без да ги запостави клучните стратешки приоритети, Муцунски се осврна на новите договори за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и Унгарија, како и на партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија.
„Имав историска можност заедно со министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство да ја потпишам Заедничката декларација за стратешко партнерство. Во рамки на овој процес, беше потпишан и договор меѓу двете влади – документ со историско значење поради неговиот обем и содржина. Благодарение на овој договор, ќе се реализираат клучни инвестиции во неколку значајни сектори – меѓу кои се Коридорот 10, здравствениот систем и дигиталната инфраструктура,“ истакна Муцунски.
Тој додаде дека преку ова партнерство, нашата држава воспоставува ново ниво на соработка со Обединетото Кралство, а резултатите – како во безбедносна, така и во економска смисла – ќе бидат брзо видливи.
Муцунски го спомена и партнерството со Унгарија, како израз на пријателска поддршка која веќе резултира со конкретни инфраструктурни проекти во голем број општини, значителна финансиска помош за државата и директна поддршка за македонски компании.
„Како Влада, го потпишавме и Договорот за партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија. Веќе се реализира првата поддршка – Министерството за одбрана доби 20 милиони евра за набавка на различни типови на опрема важна за одбраната и безбедноста на државата,“ рече Муцунски.
Заклучувајќи го интервјуто, министерот Муцунски подвлече:
„Како Влада, активно работиме на проширување на нашите меѓународни пријателства, но без да ги запоставиме нашите темелни приоритети: членството во НАТО, патот кон полноправно членство во Европската Унија и стратешкото партнерство со САД, кое претставува клучна гаранција за стабилноста на регионот.“