На 17 јуни 2025 година во Виена се одржа Втората седница на Македонско-Австрискиот Мешовит Комитет за економска соработка Со седницата претседаваа Елена Кузмановска државен секретар во Министерството за надворешна работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Елизабет Вајсенбек, директор на Директоратот во Федералното Министерство за економија, енергетика и туризам на Република Австрија. Во придружба на македонската делегација беше Гоце Димовски, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.
Двајцата ко-претседавачи го истакнаа задоволството што денес имаа можност во срдечна атмосфера да ја одржат оваа седница. Се согласија билатералните економски односи да се засноваат на пријателство и разбирање, заедно со традиционално добрите и долгогодишни дипломатски односи. Оваа година одбележуваме 31 година од воспоставувањето на дипломатските односи, а тие односи досега се докажаа како интензивен политички дијалог, одлично инвестициско портфолио на австриски компании и подлабока соработка во различни форуми на дијалог.
“Кузмановска го истакна значението на посветеноста на Австрија за забрзување на напредокот на нашата земја во европските интеграции, во рамките на принципиелната политика на Австрија кон Западен Балкан. ”
Економските области кои се дискутираа на оваа седница треба да дадат нова димензија во нашите релации. Eкспертите кои учествуваа на оваа седница, во нивното експозе ги предложија модалитетите на соработка, базирани на иновации, нови технологии и истражувања, енергетика, туризам, дуалното образование, и конкурентност поврзана со инвестициските можности и др. Модалитетите треба да бидат силна поддршка на бизнис секторот на двете земји.
Двајцата претставници од Република Северна Македонија надлежни за туризам и економски зони ги презентираа нашите можности и поволности за привлекување на туристи и инвестиции.
Двајцата ко-претседавачи се согласија да се организира размени помеѓу експерти од двете земји за теми поврзани со промоција на националните туристички производи.
Република Северна Македонија најмногу тргува со земјите на ЕУ со над 60% од вкупната трговија. Билатералната трговија со Австрија е околу 280 милиони евра во 2024 година, зголемена за 4,3% во споредба со претходната година. Австрија е рангирана на 19-то место на македонскиот список од 20 земји со најголем обем на трговија во 2024 година.