Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија Зоран Димитровски, на 16 јуни 2025 г. во Тирана, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) кој се одржа во рамките на албанското претседавање со иницијативата.
- МКД оваа година одбележува 20 годишнина откако е кандидат за членство во ЕУ и сепак не сме во можност да го започнеме преговарачкиот процес за членство поради билатерални прашања со нашите соседи. Се надеваме и очекуваме Европската унија цврсто да застане
зад промоција на дијалог, за кој треба да помогнат и ваквите регионални иницијативи, за да се надминат пречките за интегрирање на МКД и земјите од Западен Балкан во ЕУ, со цел да се засили безбедноста и просперитетот на регионот во Европа, рече Димитровски.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа е извонреден регионален механизам кој има за цел подобрување на добрососедските односи и промовирање на дијалогот и соработката. Истиот, придонесува за зајакнување на регионалната соработка, зголемување на соработката за спроведување на целите на Заедничкиот регионален пазар, безбедноста, соработката во областа на културата, здравството, транспорт и регионалното поврзување.
Фокус на овогодинешниот министерски состанок на ПСЈИЕ беше ставен на регионалната конкурентност и инклузивниот раст, како “патокази” за забрзана европска интеграција на земјите членки на ПСЈИЕ кои не се сеуште дел од ЕУ.
Оттаму, од страна на учесниците на состанокот беа поздравени напорите за целосна имплементација на Планот за раст на ЕУ кој е креиран ОД потребите на граѓаните и наменет ЗА потребите на луѓето од Западен Балкан. Истовремено, беше нагласена потребата за целосна имплементација на целите на Заедничкиот регионален пазар (CRM) со цел подобрување на напредокот на регионалната економска интеграција како пат кон Единствениот пазар на ЕУ. Нагласувајќи ја потребата од меѓусебна поврзаност и подобра транспортна инфраструктура како моќна алатка за меѓусебната поврзаност на нашиот регион, од страна на учесниците беа презентирани тековните напори за олеснување на процедурите на граничните премини помеѓу земјите од Југоисточна Европа, како и со земјите-членки на ЕУ, подобрување на спроведувањето на договорите за мобилност и сл. Обликувањето на нашата дигитална иднина, зајакнувањето на пазарната економија, градењето Унија на просперитет и зајакнувањето на Европа во светот, беа заедничките цели нагласени на состанокот како политичката стратегија на ПСЈИЕ.
За време на состанокот уште еднаш беше потврдена силната волја на учесниците на Процесот за понатамошно унапредување на регионалната соработка во насока на зајакнување на владеењето на правото, спроведување политики што ја промовираат верската толеранција и коегзистенцијата, како директни придонесувачи за демократизацијата, заштитата на човековите права, родовата еднаквост, безбедноста и стабилноста на нашиот регион и спречувањето на радикализација и насилни екстремистички акти.
Усвојувањето на Заедничка декларација за време на состанокот од страна на министрите на сите земји членки на ПСЈИЕ укажува на продлабочената регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи. Регионалните иницијативи, вклучително и ПСЈИЕ, се потврда за плодна и богата регионална соработка, како и за важноста на нивните активности за регионот.