Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Учество на министерот Муцунски на меѓународната конференција „Budapest Global Dialogue 2025“ во Будимпешта, Унгарија

Учество на министерот Муцунски на меѓународната конференција „Budapest Global Dialogue 2025“ во Будимпешта, Унгарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Мучунски, денеска учествуваше и се обрати на меѓународната конференција Budapest Global Dialogue 2025, која се одржува во главниот град на Унгарија, во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања и Фондацијата за следење на истражувањата.

 

Во своето воведно обраќање на конференцијата, министерот Мучунски ја нагласи потребата од проактивна и кохезивна европска политика во услови на зголемена глобална нестабилност и променлив геополитички контекст. Притоа, истакна дека посилна и покоординирана Европска унија, во партнерство со стабилна трансатлантска врска, претставува суштински предуслов за справување со надворешните предизвици и зачувување на безбедноста и просперитетот на европскиот континент.

 

Посебен акцент во обраќањето беше ставен на политиката на проширување, која министерот Мучунски ја оцени како стратешки важна за релевантноста и иднината на Европската унија. Тој подвлече дека нашата држава и земјите од Западен Балкан се составен дел од европската безбедносна и економска архитектура, како и од напорите за зголемување на конкурентноста и иновативноста на Унијата.

 

„Европската интеграција на регионот не треба да се гледа исклучиво како геополитички избор, туку како заедничка стратешка потреба и одговорност,“ истакна министерот Мучунски.

 

Во своето излагање тој подвлече дека македонскиот народ ја има платено цената на трпение и компромиси, но нагласи дека постојат линии што нема да бидат преминати — затоа што тие ја определуваат суштината на нашиот национален идентитет.

 

„Нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не може да бидат предмет на преговори. Тие се душата на нашата нација. Посветени сме на интеграцијата, но подеднакво и на одбраната на нашето достоинство и правото да бидеме тоа што сме — без услови, без извинување, без бришење,“ рече Мучунски.

 

Тој додаде дека ова не е став на инает, туку на самопочит, потенцирајќи дека иднината во Европа мора да се гради врз взаемно признавање и доверба, а не врз бришење на историјата или наметнати наративи.

 

Линк до видео од обраќањето: https://we.tl/t-d231WT7HVe

Мени за пристапност