Денес, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Кралството Белгија за Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Пол Ламберт.
Посакувајќи му на амбасадорот Ламберт срдечно добредојде и успешна дипломатска мисија во нашата земја, заменик министерот Димитровски ги реафирмираше одличните односи меѓу двете земји, воедно констатирајќи дека меѓу двете земји постои добра основа за натамошен развој на односите и за поблиска соработка во сите сфери од заеднички интерес. Двајцата соговорници изразија очекување дека активниот политички дијалог меѓу двете земји во иднина ќе доведе до уште позајакната секторска соработка, како и до интензивирање на меѓусебната поддршка во рамки на бројните мултилатерални формати на сорабока.
Заменик министерот Димитровски изрази благодарност и за поддршката на Кралството Белгија во рамките на евроинтегративните процеси на нашата земја и искажа интерес за продлабочување на билатералната соработка и на економски план во периодот што следи.
Амбасадорот Ламберт, заблагодарувајќи се на топлиот прием, истакна дека Кралството Белгија високо го цени придонесот на нашата земја кон стабилноста и просперитетот на целиот регион, воедно потврдувајќи ја принципиелната определба на Белгија во поддршката на процесот на европската интеграција на нашата земја. Потенцира дека Белгија останува посветена на натамошниот развој на билатералните односи меѓу двете земји, во духот на воспоставеното пријателство и меѓусебно разбирање.