Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија утрово се одржа прес-конференција по повод една година од мандатот на Владата, насловена: „Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа.“ Во рамки на прес-конференцијата свои обраќања имаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски и развојни зони, Гоце Димовски.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, заедно со дипломатската мрежа, водеше активна, динамична и ефективна политика. „Во периодот од конституирањето на Владата до денес, со ново поставените цели и приоритети на Владата и МНРНТ, постигнавме суштинско редефинирање на македонската надворешна политика – проширена и со портфолиото на надворешна трговија“, истакна министерот Тимчо Муцунски.
Клучен чекор во оваа насока беше донесувањето на новиот Закон за надворешни работи. „Со овој закон го зголемивме задолжителниот процент на професионални амбасадори, ги подобривме условите за работа на дипломатите, ги презедовме надлежностите во делот на надворешната трговија и воспоставивме јасна законска рамка за улогата на законодавниот дом во меѓународните односи“, нагласи Муцунски.
Фокусот беше ставен на јакнење на билатералниот политички дијалог и економската соработка – со стратешките партнери, со соседите преку добрососедски односи, со земјите-членки на НАТО и ЕУ, како и со држави од сите региони – билатерално и во рамките на мултилатерални организации, со цел успешно позиционирање на државата на меѓународната сцена. „Ги продлабочивме односите со традиционалните партнери и изградивме нови пријателства“, рече министерот.
Во изминатиот период беа остварени низа билатерални посети во: САД, Австралија, Шпанија, Франција, Шведска, Хрватска, Германија, ОАЕ, Казахстан, Азербејџан и други држави, а државата беше домаќин на министрите за надворешни работи на Турција, Унгарија, Австрија, Италија и Црна Гора. На маргините на меѓународни настани остварени се средби со колеги од Индија, Мароко, Литванија, Естонија, Грција и други. Посебно значајно е потпишувањето на договорите за стратешка соработка со Турција и Унгарија.
„Членството во НАТО останува клучно. Годинава одбележавме 5 години од приклучувањето кон Алијансата. Формиравме Совет за координација на прашања од НАТО интерес, со кој претседава Претседателот на Владата. Активно учествуваме на состаноците на министрите за надворешни работи, даваме придонес во заедничките политики и ја зајакнуваме соработката“, истакна Муцунски, осврнувајќи се и на учеството во мисиите КФОР и ЕУФОР Алтеа, како и на неодамнешниот Самит во Хаг.
Во делот на ЕУ интеграцијата, подготвена и усвоена е Реформската агенда 2024–2027, како дел од Планот за раст на Западен Балкан. „Со навремена имплементација, станавме прва држава што доби предфинансирање од 52,4 милиони евра“, потенцира министерот.
Во ноември 2024, во Брисел, потпишано е Партнерство за безбедност и одбрана со високиот претставник Жозеп Борел – прво од ваков вид во регионот. Во мај 2025, во Скопје, со присуство на претставничката Каја Калас, се одржа и првиот Дијалог за безбедност и одбрана со ЕУ.
Партнерството со САД останува столб на надворешната политика. „Посебно ја издвојувам средбата со државниот секретар Марко Рубио на 29 мај – втора средба во кус временски период“, рече Муцунски.
Во регионот, останува приоритет стабилноста и развојот. Министерот Муцунски во изминатиот период оствари средби со министрите од Бугарија, Србија, Косово, Грција, а наскоро и со Албанија, при што беше потенциран стратешкиот интерес за Коридорите 8 и 10.
На мултилатерален план, државата ја потврди активноста во ОН, ОБСЕ, Советот на Европа, Франкофонијата, IHRA, OPCW и CoD. Посебен успех беше изборот за членство во Советот за човекови права на ОН и реизборот во Извршниот совет на OPCW.
Во делот на конзуларните услуги, набавена е нова опрема за биометриска обработка, зајакнати се капацитетите за пасоши, продолжена е усогласеноста со ЕУ, а е завршена фазата за усогласување со Турција. Постигната е визната либерализација со ОАЕ, а во завршна фаза е и спогодбата со Азербејџан за безвизно патување на носителите на дипломатски и службени патни исправи.
„Дијаспората останува важен дел од нашата политика. Поддржани се 25 проекти, се евалуираат 117 нови, се работи на избор на стипендисти и се изработува Национална стратегија 2025–2030.
Почнавме и со формирање Научен и Економски совет“, информира Муцунски.
Министерството имаше и клучна координациска улога при трагичниот настан во Кочани. „Упативме над 100 наши граѓани на лекување во 14 европски земји. Реализиравме и успешни евакуации од Блискиот Исток“, акцентираше Муцунски.
Министерот Муцунски во обраќањето ја истакна и важната улога на институцијата по трагичниот случај во Кочани, кога Министерството одигра клучна координациска улога – преку упатување на над 100 граѓани во 14 европски земји, како и евакуацијата на македонските државјани од Блискиот Исток.
Обраќањето пред медиумите по повод една година од новата Влада тој го заокружи со заклучокот дека вака е потврдена позицијата на државата како кредибилен и респектиран партнер. А најважно – ја вративме довербата на граѓаните.
„Дипломатијата не е само надворешна политика – таа е карактерот на државата во очите на светот. И оваа година, изградивме карактер – достоинствен, цврст и целосно усогласен со националните интереси. Карактер што го носи секој вистински Македонец со гордост. Дипломатијата не се гради само со документи и средби, туку со секој збор, секоја постапка и секое партнерство. Токму во тоа успеавме. Од позиција на климање со глава, се вративме на патот на самопочит, стабилност и влијание. Денес сме држава што гради, нуди и создава – со почит, визија и интегритет. Со ваков карактер, ја потврдивме нашата позиција како кредибилен и респектиран партнер. А најважно – ја вративме довербата на граѓаните“, заклучи Муцунски.
Во своето обраќање на прес-конференцијата, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, посочи дека „само во последниот квартал од 2024 година има прилив од 400 милиони евра странски инвестиции, со што календарската 2024 година ја завршивме со рекордно ниво на странски инвестиции од 1 милијарда и 255 милиони евра, што претставува историски рекорд од независноста на државата.“
„Имено, во периодот од првата година на оваа Влада, од јули 2024 до јуни 2025 година, според податоците со кои располагаме, се очекуваат над 1 милијарда и 100 милиони евра странски инвестиции – јасен показател за стабилноста и континуитетот во привлекувањето на странските инвестиции во државата, со што не прави многу подобри од сите претходни влади во историјата на државата“, додаде Димовски.
Осврнувајќи се на меѓународните проценки, Димовски рече: „Последната анализа на Виенскиот институт за меѓународни економски студии покажува дека обемот на странски инвестиции во земјите од Источна и Југоисточна Европа во 2024 година беше намален, освен во неколку земји од Западен Балкан кои забележаа раст од 17,4 проценти – каде што предводник сме токму ние.“
„Ова е ноторен факт за успешноста на структурните промени кои ги направивме со новиот модел и пристап во привлекувањето на странски инвестиции, базиран на транспарентност и редовна комуникација“, нагласи тој.
Во однос на активностите на Дирекцијата, Димовски истакна: „Како Дирекција за технолошко-индустриски развојни зони, активно работиме на целокупниот национален економски раст и развој, преку сериозна поддршка на сите компании кои инвестираат во државата“
„Во периодот од јули 2024 до јуни 2025 година, во ТИР-зоните реализиравме инвестиции во вредност повеќе од 190 милиони евра, кои ќе креираат 2.000 нови работни места. Дополнително, договорени се четири нови инвестиции во ТИР-зоните со вредност повеќе од 90 милиони евра, кои ќе креираат нови 900 работни места и кои значително ќе го зголемат извозот од државата“, изјави тој.
„Воедно, би сакал да ја информирам јавноста дека четири мултинационални компании веќе имаат донесено интерна одлука за инвестирање во државата, поточно во ТИР-зоните, со што вкупната вредност на овие инвестиции се очекува да биде над 150 милиони евра, со нови 1.300 вработувања.“
Како пример за новиот пристап во привлекувањето инвестиции, Димовски ја посочи компанијата LEAR: „Во февруари 2025 година, оваа мултинационална компанија, која веќе е присутна во ТИР-зоните, надвор од зоните – поточно во Скопје – отвори Центар за планирање на материјали и логистика за фабриките на LEAR во Европа. Се работи за инвестиција во износ од 11 милиони евра во областа на услужните дејности, која ќе вработува повеќе од 200 високообразовани лица и која претставува прва ваква странска инвестиција од оваа област во историјата на независноста на државата.“
„Сите овие факти и аргументи, кои се резултат на храброст, визија и многу работа, допринесоа Еуростат да ја позиционира државата како четврта најбрзо растечка економија во Европа – веднаш позади Ирска, Данска и Полска“, посочи Димовски.
Во делот на квалитетот на услугите, Димовски истакна дека „средната оценка на задоволството на сите компании кои се присутни во ТИР-зоните за 2024 година изнесува 4,48 од максимум 5,00 – што претставува највисок позитивен показател досега.“
„Во рамки на зоните реализиравме и капитални инвестиции во вредност повеќе од 7,7 милиони евра, што претставува значаен чекор напред во подобрување на инфраструктурата и условите за работа на сите инвеститори“, додаде директорот.
На крајот од обраќањето, Димовски порача: „Оваа година е само почеток на промените кои доаѓаат за сите граѓани. Како Влада и понатаму продолжуваме со интензивна работа за подобра економска иднина за сите граѓани.“