Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денес оствари проштална средба со амбасадорот на Република Полска Н.Е. Кшиштоф Гжелчик.
На средбата, министерот Муцунски се заблагодари за целокупниот ангажман и активен придонес во насока на јакнење на односите меѓу двете земји. Воедно, ја истакна важноста која земјава ја дава на развивањето и негувањето на севкупните односи и соработка со Полска, кои се потпираат на длабоко пријателство и споделени вредности.
Воедно, Министерот се заблагодари за принципиелната и силна полска поддршка на нашата интеграција во ЕУ, како на билатерално ниво, така и преку Вишеградската група, и ја нагласи посветеноста на новата Влада за продолжување на европскиот пат, преку исполнување активна агенда на реформи на домашен план и одговорно дејствување на меѓународен план.
Двете страни, како сојузници во рамки на НАТО Алијансата ја нагласија одличната соработка по однос на сите клучни теми. Притоа беше потврдена подготвеноста за натамошна координација и соработка во контекст на претстојниот јубилеен Самит на НАТО во Вашингтон.
Министерот го запозна Амбасадорот со приоритетите на новата Влада, со фокус на нашиот интерес за продлабочување на економската соработка и привлекувањето нови полски инвестиции во нашата земја.