Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска на проштална средба ja прими амбасадорката на Државата Израел, Н. Е. г-ѓа Симона Франкел.
Заменик министерот Димитровски и се заблагодари на Амбасадорка Франкел за досегашната успешна соработка и за нејзиниот придонес во унапредувањето на билатералните односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
За време на средбата беа разменети мислења за актуелните состојби на регионален и глобален план, како и за билатералните односи меѓу двете земји.
Димитровски го поздрави неодамнешниот договор за прекин на огнот во Газа, нагласувајќи го како значаен хуманитарен чекор напред и воспоставување на траен мир во целиот регион.
Двајцата соговорници дискутираа за потенцијалот за продлабочување на билатералните односи, со фокус на економската, технолошката и научната соработка меѓу двете држави. Беа разгледани можностите и за размена на искуства и знаења во области како образование, здравство, земјоделство, стартап екосистеми, технологија, туризам и култура.
Заменик министерот Димитровски ја нагласи важноста на негувањето на сеќавањето и почитта кон еврејската заедница и наследство во земјата, како и дека двете држави треба да продолжат да работат на зајакнување на врските меѓу двете нации.