Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Работна посета на министерот Муцунски на Обединетото Кралство

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од утре, на покана на државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Дејвид Лами, ќе престојува во тридневна работна посета на Обединетото Кралство.

 

Во рамки на посетата, покрај средбата со својот домаќин, секретарот Лами, предвидено е министерот Муцунски да се сретне и со парламентарниот државен потсекретар и министер за услуги, мали бизниси и извоз во Министерството за бизнис и трговија, Гарет Томас. Исто така, на бизнис-форум организиран од Амбасадата на Република Северна Македонија во Лондон, министерот ќе ги презентира економските потенцијали и можностите за инвестирање во земјата пред повеќе британски компании.

 

Во британскиот Парламент, министерот Муцунски ќе оствари средба со членовите на Парламентарната група за соработка со Република Северна Македонија, а во реномираниот тинк-тенк „British Foreign Policy Group“ ќе има обраќање и дискусија на тема улогата на Северна Македонија во евро-атлантската безбедност и регионалната стабилност.

 

Во рамки на престојот во Обединетото Кралство, министерот Муцунски ќе оствари средби и со наши иселеници во градот Литлхамптон, каде ќе ја посети црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“, како и македонска фолклорна група и дечињата од македонската заедница кои посетуваат настава по македонски јазик.

 

Целта на посетата е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, особено по потпишувањето на договорот за инвестициско партнерство. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања.

Мени за пристапност