Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес оствари средба претставникот на УН Жени, Весна Ивановиќ-Кастаред, во чиј фокус беше досегашната соработка и можностите за унапредување на статусот на жените на национално и глобално ниво.
На средбата, министерот Муцунски истакна дека приоритет на владата останува унапредување на родовата еднаквост и унапредување на правата и статусот на жените, поради што особено важна е тесната соработка со Канцеларијата на УН Жени за реализирање на ОРЦ 5 од Агендата 2030.
Притоа, министерот Муцунски изрази задоволство од досегашната соработка со Канцеларијата на УН Жени, при што истакна дека Владата останува посветен партнер на Обединетите нации и сите нејзини агенции, а МНРиНТ ќе продолжи да придонесува за унапредување на положбата на жените на национално и глобално ниво.