Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера ја прими амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон-Џеин.
Министерот Муцунски изрази задоволство што во изминатите 30 години, двете земји изградија силни партнерски односи и развиен политички дијалог, и изрази уверување дека новата Влада ќе биде целосно посветена на нивно натамошно динамизирање по однос на сите билатерални, регионални и глобални прашања од интерес за двете земји.
На средбата, министерот се заблагодари за досегашната значајна шведска билатерална развојна помош која помогна во имплементирањето важни реформи во нашата земја и зајакнувањето на капацитетите на македонските институции.
Воедно, Муцунски изрази надеж дека позитивните искуства на шведските компании кои се веќе присутни во нашата земја ќе бидат основа за нови успешни примери и во иднина, а истовремено ја истакна важноста од фокусирање на напорите и кон натамошно продлабочување на меѓусебната економска соработка и подобрување на трговските односи.