Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со генералниот секретар на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), г. Франко Дел Мас, во рамки на неговата регионална посета на земјите-членки на Иницијативата.
Во фокусот на разговорите беше унапредувањето на регионалната соработка и тековните активности на ЦЕИ – најстариот регионален форум во Европа, кој од своето основање има важна улога во промовирањето на европската интеграција и во поддршката на севкупниот развој на своите членки.
Министерот Муцунски и генералниот секретар Дел Мас разменија мислења и за актуелните политички и безбедносни предизвици во Европа, со посебен акцент на процесот на проширување на Европската унија, ситуацијата во Украина и потребата од постигнување траен мир и стабилност.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста од интензивирање на политичкиот дијалог за прашања од стратешко значење, зголемување на проектната соработка и градење стратешки партнерства за постигнување заеднички цели, согласно со мисијата и визијата на ЦЕИ.