Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со вршителот на должноста амбасадор на САД во Скопје, Никол Варнес.
Во рамки на средбата, министерот Муцунски ја повтори благодарноста за долгорочната поддршка од страна на САД за реформските процеси, како и за зајакнување на демократскиот и политичкиот капацитет на државата. Воедно, беше потврдено и силното, стратешко партнерство помеѓу двете земји, чиј фокус е ставен на демократските вредности, економскиот раст и регионалната безбедност.
На средбата уште еднаш беше нагласена посветеноста на Владата на забрзување на евроинтегративниот процес и спроведување на реформите, особено во насока на економски развој, унапредување на владеењето на правото и бескомпромисна борба против корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа и безбедносните предизвици, при што соговорниците ја потврдија посветеноста на заедничките демократски вредности и стабилноста на Западен Балкан. Притоа, изразија подготвеност за понатамошно одржување на континуитетот во политичкиот дијалог и билатералната соработка, продолжување на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, како и партнерската соработка во рамките на НАТО Алијансата.